По лошите вести кои во изминативе неколку недели ги слушаме околу повредите на нашите репрезентативци, конечно малку и добри. Имено Марјан Радески е целосно фит, постојано игра во Шкендија и секако дека ќе добие повик од селекторот Игор Ангеловски за дуелите со Полска и Австрија во јунскиот квалификациски циклус.

Езџијан Алиоски заздравува, па така како што пишуваат медиумите во Англија тој би можел да настапи за Лидс во плеј-офот за пласман во Премиер лигата. Тоа значи дека и тој ќе биде подготвен за настап за нашата репрезентација. Аријан Адеми и Дарко Велковски тренираат и наскоро ќе бидат целосно фит. Секако дека ова се добри вести за селекторот Игор Ангеловски во пресрет на многу важните мечеви со Полска и Австрија.

НЕСТОР Е НЕИЗВЕСЕН, ДОКТОРИТЕ РЕШАВААТ

Познато е дека дефинитивно отпаднаа Стефан Спировски и Иван Тричковски, додека настапот на Илија Несторовски и натаму е неизвесен. За него решаваат докторите, тој ја обнови повредата на листот, треба да има снимање на ногата, па дури потоа ќе се знае дали ќе може да игра за Палермо и дали ќе може да настапи за Македонија на 7 и 10 јуни.