На „Ренато дал’Ара“ Болоња и Парма во рамките на 36 коло на Серија А одиграа две различни полувремиња. Во првото мирно, тивко дури и приспивно, а во второто полувреме спукаа силно. Пет гола од кои два автогола, жолти картони и еден црвен.

Болоња победи со 4:1, а на стартот на второто полувреме во период од седум минути преку Орсолини и автоголот на Сепе поведоа со 2:0. Гостите од Парма се обидоа да возвратат со брзи три измени и транформација во напад, но имаа и играч помалку поради исклучувањето на искусниот Бруно Алвес (два жолти картони). Лијанко зголеми на 3:0 за домашните, Инглесе намали, а Сералта си постигна автогол за конечни 4:1.

Со оваа победа Болоња дефинитивно го обезбеди опстанокот во Серија А, а Парма ќе трепери во последните две кола затоа што од црвената линија е оддалечена три бода.

Последните 18 голови на Болоња во првенството паднаа во второто полувреме, последниот гол што го дала во првото полувреме е против Торино на 16 март.