Каков шок за Хамбурфер и неговите навивачи. Некогашниот европски првак стигна да се мачи да се врати во најсилната германска лига. Откако минатата сезона за првпат во историјата испадна во понизок ранг, вети дека ќе експресно ќе се врати во елитата – меѓутоа ништо од тоа. Мисијата неуспешна. Уште една сезона Хамбургер ќе помине во Цвајте.

Шокот дојде вчера откако ХСВ изгуби од Падерборн со 4:1 и тоа значеше осми меч по ред без победа. Таа серија на крајот ги чинеше „диносаурусите“ пласман во Бундес лигата. Не само што не изборија директен пласман, туку не успеаја да стигнат ни до баражот (третото место). Останаа на четвртата позиција на коло пред крајот без шанси за повисоко.

Неможноста да се најде мотив да се нападне врвот беше фатално за клубот“, велат од ХСВ.

По поразот од Падерборн и колапсот на планот за враќање во елитата, раководството свикало итен состанок на кој се разгледувало постигнатото и се барале причините за неуспехот. Секако цехот прв ќе го плати тренерот Ханес Волф, а по него и неколку фудбалери ќе се најдат на излезната врата. Проценето е дека на ХСВ му треба свежа крв, неколку млади момци кои ќе можат да ги раздвижат работите во екипата.

ДАЛИ ТИТЦ МОРАШЕ ДА СИ ОДИ?

Најчесто поставувано прашање е дали Кристијан Титц мораше да си замине? Дали на ХСВ му требаше нов тренер на сред сезоната? Постоела поделеност меѓу раководните луѓе околу таа тренерска смена, но повеќето биле да се направи тоа. На 23. октомври Титц доби отказ, а уште истиот ден беше назначен Ханес Волф, со скромно искуство, претходно две сезони работеше во Штутгарт, а кратко и во вториот тим на Борусија Дортмунд.

Тој не ги подобри резултатите. Речиси беа идентични како и оние на Титц. Да е потрагично не успеа да најде лек за онаа апатија во финишот на сезоната. Почнувајќи од 16. март дури осум натпревари без победа: три ремија и пет порази од кои три беа во последните три кола.

Од гледна точка на фановите, оваа екипа не заслужи повеќе. Нема лидер, нема човек кој ќе го држи курсот,  нема ни тимска игра. Нема ништо… Згора на тоа и повредени фудбалери…

Оние што требаше да го прават костурот на екипата Сакаи, Холтби и Хванг тотално потфрлија под притисокот, а премногу се очекуваше од младиот Арп. Капитенот Арон Хунт повеќе беше повреден отколку што играше… Кога се ќе се собере – од овој тим толку.

ИДНАТА СЕЗОНА СО ПОМАЛ БУЏЕТ НО ПОГОЛЕМИ ОЧЕКУВАЊА

Помал буџет од сегашниот и со атак на влез во Бундес лигата. Како ќе го изведат тоа раководните луѓе ќе видиме. Тоа се плановите на ХСВ за сезоната 2019/20. Долгот изнесува околу 85 милиони евра, а ако буџетот за оваа година изнесуваше 29 милиони евра сега ќе биде помал.

Од телевизиските права се загарантирани 14 милиони евра, а клубот ќе се ослободи од скапоплатените Ласога, Холтби, а ќе се заработи од продажбата на Јан-Фите Арп во Баерн и Даглас Сантос. Тука се и два милиони од спонзорот, се разбира ако остане, ако не фати „магла“ по ова што го прикажува клубот од северот на Германија.

Спортскиот директор Бекер вели дека ќе се потпрат на своите таленти и ќе пробаат што повеќе да ги има во првиот тим. Се разбира ќе има неколку играчи кои би дошле како слободни од други клубови како на пример: Давид Кинсомби од Кил, Џереми Дуџак од Ст.Паули и Јан Гјамерах и Лукас Хинтерсер од Бохум.

ДАЛИ КЛУБОТ ВООПШТО САКАЛ ВО БУНДЕС?

Интересна приказна која кружи меѓу луѓето блиски на Хамбургер и по некои локални медиуми на северот, а таа вели дека раководните луѓе наводно воопшто не ни сакале влез во елитната лига и поради тоа се лошите резултати на тимот во последните два ипол месеци. Процениле дека и да влезат немаат сили да се задржат таму и повторно би испаднале, а вака подобро во текот на летото да направат конкурентен тим за во елитата.