Освојувањето на турнирот во Мадрид за Новак Ѓоковиќ е прв пехар на земја по три години (последен пат го освои Ролан Гарос во 2016 година), но она што е позначајно е дека Србинот го изедначи својот рекорд со Рафаел Надал.

Ѓоковиќ има 33 освоени титули на турнирите од серијата „Мастерс 1000“, исто како и Надал.

За Ноле ова е 74. турнир кој го освојува во кариерата, а покрај изедначувањето на рекордот му донесе и јубилејна 200-та победа против играч од топ-10 на АТП листата во 290. натпревар против некој од тоа друштво.

Тоа не донесе промени ниту на најновата АТП листа каде Новак Ѓоковиќ и натаму е на врвот, пред неговите најголеми ривали Рафаел Надал и Роџер Федерер. Најголем скок има грчкиот тенисер Стефанос Циципас, кој по одличниот настап на Мастерсот во Мадрид, сега е на седмото место. Во топ-10 уште се и Доминик Тим, Александар Зверев, Кеи Нишикори, како и Кевин Андерсон, Хуан Мартин Дел Потро и Марин Чилиќ.