Беласица е во супер серија, на последните шест меча без пораз, со четири победи и две ремија. Од „изгубен случај“ што се вели, сега има шанси и за опстанок. Секако дека ќе биде тешко во последните две кола, прво игра дома со Работнички за да потоа во Кратово му оди на Силекс. Овие последните резултати се поклопија со доаѓањето на Ацо Стојанов на клупата на Беласица…

„Па добро, така се погоди. Моето доаѓање беше позитивен шок за играчите, им укажав дека се навистина квалитетни и дека мора да имаат доверба во себе, така и беше. Играчите се најзаслужни за се ова што ни се случува. Сепак работата ни од далеку не е завршена. Ни остануваат уште две средби, ќе биде тешко, но јас верувам дека со шест бодови би можеле да играме во баражот. Не криеме дека сакаме и можеме да останеме во елитата. Од друга страна мора да се биде реален и да се каже дека сега зависиме и од останатите екипи и нивните резултати. Убаво ќе биде Силекс да загуби од Македонија ЃП во недела, но ќе видиме како ќе се одвиваат настаните, јас сум оптимист“ вели Стојанов.

МАСЛАЌ Е ПОЛОВИНА ТИМ НА БЕЛАСИЦА…

Инаку Стојанов не крие дека има добар тим…

„Да, да. Штета што малку порано не тргнавме со овие добри резултати. Според мене оваа екипа на Беласица треба да се бори за излез за Европа, а не за опстанок. Тука сакам да го издвојам Марио Маслаќ, нашиот стопер кој е половина од нашата екипа. Долго време сум во фудбалот, но таков стопер странец досега не сум видел да игра во нашата Прва лига. Дечкото е феномен за наши услови“ заврши Стојанов.