Чудна ситуација владее во Баерн Минхен. Тимот предводен од Нико Ковач има уште два натпревари до двојната круна. Ако во сабота на „Алијанц арена“ го победи Ајнтрахт ќе ја освои „салатарата“, а една недела подоцна ако го победи и РБ Лајпциг ќе го земе и Купот.

Некои би рекле тоа е успех, но кога е во прашање баварскиот клуб, работите не се подредени баш така.

ИМА ЛИ КОВАЧ ИДНИНА ВО БАЕРН? беше насловот на германскиот спортски портал „sport1.de“ анализирајќи ја чудната ситуација која владее во клубот. Претходните тренери на Баерн постојано добиваа поддршка од раководството на клубот, а кај Ковач ништо. Пред неколку денови спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ умешно го избегна прашањето што го чека Ковач по завршувањето на сезоната. А од почетокот на пролетта некако спласна и поддршката на претседателот Ули Хенес кој во првиот дел од првенството жестоко го бранеше Хрватот кога не му одеше.

Околу оваа ситуација се огласи и поранешниот тренер на Борусија Дортмунд и на Келн Петер Штегер.

„Ако целта им е максимално да му ја отежнат работата на Ковач да стане шампион на Германија, правилно ги повлекоа сите потези“, изјави Штегер за „sport1.de“, а во порталот „Spox“ прозборе и еден клупски инсајдер.

„Во тој клуб секогаш се било подредено на успех, а сега ситуацијата е обратна. Тренерот во последните недели е под сериозен притисок и критики, во моменти кога најмногу треба да се поддржи“, вели неименуваниот извор чии зборови потврдуваат дека Ковач можеби е колатерална жртва на внатрешната борба за превласт и моќ.

Слично беше и со Италијанецот Карло Анчелоти. Искусниот стратег не можеше да се бори против играчите кои му го свртеја грбот и против управата која го притискаше да си замине. Италијанецот не можеше да издржи и замина.