Почесниот претседател на РК Вардар, Михајло Михајловски започна со реализацијата на ветеното – да се спаси македонскиот првак и „црвено-црниот“ тим и во иднина да биде силен и на нивото на кое што беше во изминативе шест години откако Русинот Сергеј Самсоненко стои на чело на клубот. Михајловски веќе превземал неколку конкретни чекори, а по состанокот кој тој и Самсоненко го имале со ракометарите и стручниот штаб, јасно е дека засега ништо не е дефинирано и дека одново е побарано трпение, сега до крајот на месецот.

Со исклучок на оние кои веќе си најдоа нови клупски средини, останатите и немаат некој друг избор и иако сите имаат повеќе или помалку конкретни понуди за заминување, се чини дека ќе му дадат шанса на актуелниот клуб до Ф4 во Келн.

Михајловски добил ветувања од спонзори кои ќе влезат во клубот, но прашање е колку време е потребно да се разбуди свеста на оние кои ги дале истите, пред машки па подадат рака и да потврдат, официјално, дека ќе застанат зад „црвено-црните“.

Нивното „зелено светло“ е она што ќе се чека, а неофицијално станува збор за сума повисока од пет милиони евра, која Самсоненко како сопственик и Михајло како еден од главните поддржувачи на иницијативата за спас на Вардар треба да ја обезбедат за да може да имаме силен Вардар и во следната сезона.

Нема дилеми дека еден од најголемите вардарци има чисти намери за спас на европски Вардар, но тој во моментов води двојна борба со оглед на тоа дека како прв човек на СЕХА лигата за него е од особено значење да има силен Вардар, затоа што без петкратниот регионален првак нема да има ниту силна СЕХА лига.

Првите информации по 10 мај не донесоа ништо конкретно, но оставаат простор за надеж… Сагата продолжува, а Ф4 е се поблизу.