По завршувањето на сезоната во англиската Премиер лига се прават анализи на сработеното на фудбалски, а секако и на финансиски план. Па така „Дејли меил“ публикува табела на клубовите и нивна заработка за изминатата сезона. Секако, ова е само проекција на тоа што им следува на клубовите, а точните бројки ќе бидат соопштени есента.

Во Премиер лигата клубовите добиваат пари од три извори: едниот е еднаква распределба по која секој клуб добива 79.4 милиони фунти, а дополнителни средства се добиват според пласманот на табелата и телевизиските права.

Па така проценките се дека Ливерпул ќе заработи најмногу 149.5 милиони фунти, а веднаш зад него е шампионот Манчестер Сити со 148.1 милион фунти. На трето место би бил Челси со 143.1 милион фунти.

Она што ја прави разликата се парите од телевизиските права. Сите клубови мора да добијат 12.3 милиони фунти од тоа, а потоа секој клуб добива повеќе пари во зависност од тоа колку пати е прикажуван на телевизија. Секој меч носи 1.2 милион фунти. Оваа сезона четири клубови добија минимални средства: Борнмут, Саутемптон, Хадерсфилд и Вотфорд (12.3 милион фунти). Лидерот во оваа категорија е Ливерпул чии натпревари биле прикажани 29 пати. Па така „црвените“ од оваа категорија заработиле 33.1 милион фунти, а Сити чии натпревари биле прикажани 25 пати – 30.1 милион фунти и е трет на оваа табела затоа што втор е Манчестер Јунајтед со генерирани 31.2 милион фунти од 27 натпревари.

Уште поинтересна табела на „Дејли мејл“ е сумата која клубовите ја добиле за секој освоен поен. Само погледнете ја просечната неделна плата во клубот и поделете ја со бројот на поени. А лидер во оваа категорија е Вулверхемптон кој секој поен ги чинел 30.835 фунти. Хадерсфилд кој испадна за секој поен платил 82.533 фунти, а собрал 15 и така се доаѓа до сумата 1.238.000 фунти неделно што клубот ги издвојува за плати на фудбалерите.