Манчестер Сити е шампионот на Англија, а Ливерпул заврши на второто место. Елитата ја напуштија Хадерсфилд, Фулам и Кардиф.

А кој е најгрубиот тим во англиската Премиер лига? Одговорот на тоа прашање е Вотфорд чии играчи во 38 натпревари добиле 77 жолти картони и три црвени. По нив следува Манчестер Јунајтед со 73 жолти и четири црвени картони, а Лестер има помалку жолти но затоа и најмногу црвени картони од сите – пет.

А „најчиста“ екипа со најмалку санкционирани играчи е Ливерпул со 35 жолти картони и два црвени.

СИТИ И ЛИВЕРПУЛ НАЈМНОГУ ШУТИРАЛЕ НА ГОЛ

Фудбалерите на Манчестер Сити и на Ливерпул упатиле најмногу шутеви кон противничките голови покажува статистиката. „Граѓаните“ 260 пати го гаѓале голот на противникот и погодиле 95 пати.

Ливерпул упатил 226 удари кон противничките голови и реализирал 89 пати. Тука зборуваме за ударите кои завршувале во рамките на голот.

На трето место се фудбалерите на Манчестер Јунајтед со 225 удари од кои 65 завршиле во мрежата.

Најмалку шутеви имале фудбалерите на Брајтон – 108, а 35 пати ја погодиле противничката мрежа.

Од играчите најмногу прецизни шутеви кон голот имал Мохамед Салах 64 (22 гола), по него е Пол Погба од Јунајтед со 50 (13) и Александар Митровиќ од Фулам со 48 (11)

„СИНИТЕ“ И „ГРАЃАНИТЕ“ НАЈМНОГУ ГИ ТРЕСЕЛЕ РАМКИТЕ

А фудбалерите на Челси и на Манчестер Сити најмногу ги треселе рамките од противничките голови. 21 пат нивните удари завршувале во стативите или пречката. Зад нив е Ливерпул со 19 такви удари.

Серхио Агуеро од Сити дури 8 пати ја тресел рамката од голот.