Полска на 7. јуни гостува во Скопје на квалификацискиот натпревар со Македонија, а потоа на 10 јуни во Варшава го пречекува тимот на Израел. Сепак, планирано е полјаците веднаш по мечот да се упатат кон главниот град на Полска и да се подготвуваат за мечот со Израел, меѓутоа во тоа има еден голем проблем.

Претседателот на федерацијата Збигниев Бониек денеска на својот профил на „Твитер“ соопшти дека полскиот национален тим ќе има проблем по враќањето од Скопје. Имено, аеродромот во Варшава е затворен од 12 часот на полноќ до 5 изутрина, а токму во тоа време фудбалерите и стручниот штаб треба да стигнат во Варшава.

„Репрезентацијата на Полска не може по мечот со Скопје да слета на најголемиот аеродром во нашата земја поради тоа што е тој затворен од 0:00 до 5:00. Дали има некоја сериозна оправданост за ваквиот потег?“, праша Бониек на „Твитер“.

Полска сакаше веднаш да се враќа, но со овој проблем веројатно ќе мора да преноќат во Скопје, па следниот ден да се вратат во главниот полски град. Тоа би можело да биде проблем за Полска која до сега има максимален ефект во групата.