Една од најголемите ѕвезди на Филаделфија, бен Симонс, ќе биде дел од селекцијата на Австралија на светското првенство ова лето. Како што објавија извори од НБА тимот, Симонс потврдил дека сака да настапи за „кенгурите“ на светскиот собир во Кина.

Симонс го имаше своето деби за австралискиот тим на 16-годишна возраст на шампионатот на Океанија. Тој беше дел од проширениот список на националниот тим за Светското првенство 2014, но не беше вклучен во финалната група. Бен, исто така, изрази желба да игра за националниот тим и на Олимпијадата 2016, но подоцна одлучи да се фокусира на подготовките за првата сезона во НБА.

Оваа сезона во НБА имаше дури 14 играчи од Австралија, па прашање е кој освен Симонс ќе сака да се појави на СП и да ја направи Австралија еден од главните кандидати за медал. На минатото СП 2014, „кенгурите“ стигнаа до осминафиналето.