До крајот на сезоната во ПМФЛ остануваат уште две кола, а дури шест клубови се во опасност следната сезона да играат во понизок ранг. Од четвртиот Шкупи (44 бодови) до деветата Беласица (38), сите се во таа опасна зона. Има „милијарда“ комбинации, а за да се стигне до спасот, односно да се избегне тоа девето место ќе требаат 45 бодови, може и со 44. Интересно е тоа што сите освен Беласица имаат шанса дури и да излезат во Европа, ако А. Пандев го освои купот. Сите си комбинираат, сите се со дигитроните в раце, секој се надева дека резултатите од останатите мечеви ќе му одат во прилог. Некои работи уште во недела би требало да бидат појасни, се разбира ако Работнички успее да ја победи Беласица на гости, е тогаш струмичани заедно со Победа и дефинитивно се селат во Втора Лига.

„ЛАВОВИТЕ“ САМИ СИ ЈА „КРОЈАТ“ СУДБИНАТА

Се чини во најповолна ситуација е Македонија ЃП. „Лавовите“ во недела играат дома со Силекс, а потоа во последното коло со Победа. Со шест бодови веројатно ќе бидат четврти, и без разлика на исходот од финалето ќе играат во Европа. Шкупи има 44 бодови и сега е четврти, но прво игра дома со Ренова а потоа му гостува на Работнички. Работнички гостува во Струмица па игра дома со Шкупи, Ренова гостува на Чаир па игра дома со Шкендија, Силекс гостува во Ѓорче а во последното коло игра дома со Беласица, која пак прво игра дома со Работнички.

Нема што, како никогаш досега во изминатите 27 првенства на Македонија по осамостојувањето, не било вака супер интересно кога станува збор за битката за опстанок.

ТАБЕЛА

  1. ШКУПИ 44
  2. РЕНОВА 43
  3. РАБОТНИЧКИ 43
  4. МАКЕДОНИЈА ЃП 41
  5. СИЛЕКС 41
  6. БЕЛАСИЦА 38