Работнички влезе во препознатливиот ритам. Тимот од „Градски парк“ ја запиша третата победа во низа, откако убедливо му се реваншираше 99-70 на Гостивар за поразот на гостински терен. По дуелот од осмото коло, најтрофејниот кошаркарски колектив ја обезбеди втората позиција на табелата.

Бранителот на титулата одигра перфектно прво полувреме, гостите беа далеку од нивото на задачата. Лесно губеа топки, а во нападот беа катастрофални. Искусниот тим на Марин Докузовски ја казнуваше секоја грешка, по првата четвртина имаше предност од 28-19, а потоа на полувремето замина со позитива од 58-39.

Ниту по одморот не се промени ништо, по само три и пол минута игра Работнички дојде на плус 25 (67-42).  Во последните десет минути Гостивар влезе со негатива од 19 поени (77-58), немаше сили за да се врати.

Костов со 28 поени беше прв стрелец, зад него беше Чековски со 20 поени. На другата страна во гостинскиот табор, кој имаше дури 25 загубени топки, Тасовски и Ефианаи имаа по 12 поени.