Откако уште пред неколку кола Шкендија ја осигура својата нова титула, стратегот Ќатип Османи, како што и најави за СПОРТМЕДИА, на последните мечеви од тековниот шампионат им дава шанса на оние играчи кои во изминатиот дел немаа којзнае каква минутажа. Па така за Шкендија играат и младинци, се со цел да ги согледа квалитетите на сиот свој играчки потенцијал. Сепак веднаш се забележува дека само еден играч мора по секоја цена да игра, без разлика на противникот и без разлика на составот со кој Ќато планира да искочи на терен.

А тој играч е репрезентативецот Марјан Радески, кој на последните четири мечи беше стандарден, а и на претходните имаше солидна минутажа. Со Победа одигра 36 минути, со Силекс цел меч беше на терен, против Работнички 75 минути, додека со Шкупи 66 минути. Ова се прави со цел Радески прво да биде во топ форма за настапите на нашата репрезентација во јуни, против Полска и Австрија, како и за настапите на Шкендија во фудбалска Европа ова лето.

Да потсетиме дека Радески по долгата рехабилитација по операцијата на лигаментите, на крајот на март се врати во првиот тим на Шкендија.