Новата аквизиција на шпанскиот шампион Барселона, Френки де Јонг од екипата на Ајакс, денеска ја освои наградата „Јохан Кројф“ која му се доделува на најголемиот талент на холандскиот фудбал во тековната сезона. Наградата му беше врачена во пресрет на денешното последно коло од сезоната во холандскиот шампионат.

22-годишниот играч од средниот ред на Ајакс оди по стапките на, меѓу другите, Арјен Робен, Весли Снајдер и Клаас Јан Хунтелар. Жирито кое ја доделува наградата секоја година, оваа го сочинуваа еминентни имиња на холандскиот фудбал, како синот на Кројф, Жорди, Вили Даленс, Вим Јонк, Џон ван ден Бром, Пјер ван Хојдонк, Френк Рајкард, Дик Адвокат и други.

Од Фондацијата Јохан Кројф, велат дека Де Јонг сега има можност да покаже дека не случајно многумина во него го гледаат новиот Кројф.