На 7 и 10 јуни, нашата најдобра фудбалска репрезентација во рамките на „Г“ квалификациската група за ЕП 2020 година, ќе се сретне со Полска и Австрија. Со оглед на тоа дека имавме одличен старт на првите два меча и освоивме четири бодови, се разбира дека ова се многу значајни натпревари за четата на селекторот

Игор Ангеловски. Секако дека јавноста многу ја интересира дали Мрме ќе менува нешто на списокот, дали ќе може да смета на оние на кои се жалат на повреди.

ЗАВИСИ ДАЛИ ЌЕ ИМА ДОПОЛНИТЕЛНИ ПОВИЦИ

Токму затоа специјално за СПОРТМЕДИА, селекторот Ангеловски имаше свој коментар…

„Списокот на играчи на кои ќе сметам за дуелите со Полска и Австрија ќе биде познат на 24-25 мај. Нема да има речиси никакви промени, оние на кои сметав за минатите мечеви со Летонија и Словенија ќе бидат повикани и сега. Не можам и дефинитивно да сметам на Спировски и Тричковски, но затоа се враќаат Адеми и Радески. Што се однесува до Несторовски и Алиоски, а тука е и Адеми, сите тројца имаат проблеми со повредите, но јас сум уверен дека ќе можат да настапат во јунскиот квалификациски циклус. Ја следиме нивната ситуација. Е сега ако нешто се случи, тогаш ќе размислувам дали ќе има дополнителни повици“ вели Мрме.

Тоа значи дека на списокот за Полска и Австрија ќе се најдат Димитриевски, Шишковски, Илиев (голмани), Ристовски, Бејтулаи, Муслиу, Ристевски, Зајков, Велковски, Тошевски (одбрана), Адеми, Хасани, Алиоски, Барди, Елмас, Николов, Чурлинов (среден ред), Пандев, Несторовски, Трајковски, Маркоски, Велкоски, Радески (напад). Тоа се тие 23 играчи на кои ќе смета Ангеловски, иако тој не сакаше поединечно да говори, можеби сепак чува да има во последен момент некое изненадување.

НЕОФИЦИЈАЛНИОТ СТАРТ НА ПОДГОТОВКИТЕ НА 27 МАЈ

Што се однесува до самите подготовки, тие како и досега, во целост ќе се одвиваат во Скопје.

„Со една група на играчи, претежно тие што завршија со сезоната, ќе работиме од 27 мај па до 31 истиот месец. Потоа добиваат два слободни денови, за да официјалниот старт на подготовките биде на 3 јуни, што е и ФИФА термин, кога ќе бидеме комплетни. Затоа некои од играчите, како на пример Муслиу и Бејтулаи од Шкендија, веќе треба да бидат на одмор. Така е договорено со тренерот на шампионот Ќатип Османи, додека Радески ќе продолжи да игра за Шкендија зошто тој се враќа по повредата поради која долго време не можевме да сметаме на него“.

КАКО И СЕКОГАШ И СЕГА СУМ ОПТИМИСТ

Можеби е рано, но СПОРТМЕДИА ја искористи приликата да го праша Ангеловски за тоа што можеме против Полска и Астрија.

„Зарем треба да се трошат зборови за квалитетите на овие две селекции. Јас добро паметам дека за вашиот медиум пред да стартуваат квалификациите изјавив дека Полска е фаворит во нашата група, а на Австрија и давам мала предност пред Македонија, Словенија и Израел. Но јас како и секогаш и сега сум оптимист, верувам дека ние можеме да оствариме добар резултат на тие два меча во јуни. Имаме добра селекција, го имаме капитенот Пандев, играме дома и имаме доволно мотиви да одиграме најдобро што можеме токму против силните селекции на Полска и Австрија“ заврши селекторот.