За разлика од А. Пандев, вториот финалист во Купот, тимот на Македонија ЃП има обврски кои мора да ги одработи и во првенството. Па така во недела „лавовите“ ги чека меч со Силекс, важен дуел во битката за опстанок, или битката за тоа 4.место како сакате.

„За сите нас во клубот неделниот меч со Силекс ќе биде големото финале за оваа сезона. За тоа што не очекува во среда, за финалето во Купот, ќе размисливаме од 18:30 часот во недела па натаму. Прво треба да ја одработиме оваа средба и тоа против стариот должник, тимот на Силекс. Велам за нас ова ќе биде финале зошто сеуште не сме го „визирале“ опстанокот, а имаме шанса да бидеме на крајот и четврти. Не сакаме да ја испуштиме оваа можност, но се разбира дека нема да биде трагедија ако одиграме и нерешено, но не смееме да загубиме. Не треба да се биде паметен за да се знае дека евентуалниот пораз против Силекс секако дека негативно ќе се рефлектира и кон самото големо финале во Купот. Но ајде да гледаме позитивно, да имаме верба во себе. Имаме квалитет, играчите се физички максимално подготвени и затоа јас сум оптимист дека на последните три средби сезонава, иако се играат во период од седум денови, со Силекс, А Пандев (куп финалето) и Победа, да покажеме дека сме добар тим кој заслужува да игра во Европа“изјави Александар Таневски, шефот на стручниот штаб на прволигашот од Ѓорче.