Култниот фудбалер на Рома Даниеле де Роси по завршувањето на сезоната ќе ја напушти екипата по 18 години поминати на „Олимпико“. После Тоти кој се пензионира, уште едно „дете“ на Рома си оди откако управата му даде до знаење дека нема да му го продолжи договорот.

Де Роси иако има 35 години, нема намера да се пензионира туку ќе игра за друг клуб, а има неколку опции, меѓу кои најверојатна е дека ќе оди преку океанот во некој клуб од американската МЛС. Меѓутоа може да отиде и во друга насока – во Јужна Америка, поточно во Аргентина.

Бока Јуниорс е заинтересиран за него. Спортскиот директор Николас Бурдисо контактирал со искусниот фудбалер и му понудил соработка. Бурдисо и Де Роси извесен период настапуваа заедно во Рома.

„Не знам дали нешто ќе излезе од ова. Но ние сме пријатели, постојано сме во контакт, јас му кажав што мислам, па на него е да одлучи. За таков фудбалер вратата на нашиот клуб е отворена. Но не сакам да бидам досаден и да го притискам. Тој уште е емоционално скршен после одлуката да ја напушти Рома, па ќе треба да помине извесно време за да почне да мисли на трансфер. Како и да е, ние сме отворени за соработка“, вели Бурдисо за „Фокс Аргентина“.