Кошаркарите на Милвоки Бакс поведоа со 2:0 во финалната серија на Источната конференција бидејќи во вториот натпревар на свој терен ги победија Торонто Репторс со 125:103. Уште на стартот на мечот Бакс воспоставија контрола, по првото полувреме имаа солидна предност која ја сочуваа до крајот. Најрасположен за игра кај победничкиот тим беше грчкиот интернационалец Јанис Адетокунбо со 30 поени и 17 скокови. Покрај него расположени беа и Ерсан Илјасова кој уфрли 17 поени додека Никола Миротиќ додаде 15.

На другата страна Репторс во ниту еден момент не ја загрозија предноста на домашните. Кавај Ленард повторно беше најефикасен кај канадскиот тим со 31 поен, а имаше и осум скокови. Кајл Лаури додаде 15, а Норман Пауел 14.

„Стартот беше одличен и потоа постојаната контрола беше клучот на успехот. Секоја вечер, кога ќе почне натпреварот сите во тимот гледаат во мене. Им велам дека сите мораме да бидеме најдобри што можеме. Верувам дека таквиот почеток им даде енергија на другите“, вели Адетокунбо.

Третиот меч се игра ноќта меѓу недела и понеделник во Торонто.

Милвоки последен пат учествувал во големото финале во сезоната 1973/74 кога го изгуби соочувањето со Бостон (4-3). Торонто вторпат во историјата е во финалето на конференцијата – во сезоната 2015/16 изгуби од Кливленд со 4-2.