Францускиот Лион врти нов лист и почнува нов план за популаризација и враќање на старите шампионски патеки. А основата ќе ја сочинуваат Бразилци. Претседателот Жан Мишел Ола имаше план да го донесе Венгер или Мурињо на клупата, но потоа се одлучи за поефтина опција односно да тргне во нова насока.

Некогашниот ас на клубот, човекот познат по мајсторското изведување на слободни удари Жунињо Пернамбукано е назначен за спортски директор со тоа што ќе има широк дијапазон на функции и обврски, меѓу кои и да одржува атмосфера во соблекувалната која често беше нарушувана во текот на сезоната.

А на позицијата тренер доаѓа Силвињо, некогашниот играч на Арсенал, Селта, Барселона и Манчестер Сити. Тој досега беше асистент на Тите во бразилската фудбалска репрезентација. Тој доаѓа на местото на Бруно Женесио, а ќе потпише двегодишен договор.

Ќе видиме како ќе се снајдат двајцата Бразилци во потполно нови улоги, со оглед на тоа дека ова им е прво работно искуство во оваа област.

Со ова се отвора можност за „бразилизација“ на Лион, односно се повеќе талентирани бразилски играчи да дојдат во редовите на седумкратниот француски шампион – нешто што го работи Шахтјор Доњецк и неколку португалски прволигаши.