Гостивар брзо се опорави по оној убедлив пораз од Работнички во минатото коло. Поддршката од домашната публика беше повеќе од доволен мотив за кошаркарите на Марјан Србиноски, буквално му одржаа лекција на МЗТ Скопје 98-82 (25-23, 20-13, 28-24, 25-22), кој до овој меч немаше пораз во Супер-лигата.

Костоски и Шегариќ со по 19 поени беа први стрелеци, на другата страна Иванов имаше 16 поени.

Тимот од Аеродром само еднаш водеше на натпреварот, на стартот 3-5, потоа на сцена настапија гостиварци, трпеливо ја градеа предноста не дозволувајќи му на противникот да се разигра. По 25-23 во првата четвртина, добрата игра во вториот период беше клучна за триумфот на домаќинот, кој на одморот замина со 45-36.

Ништо не се промени на теренот ниту во продолжение, Гостивар влезе во ритам, јасно беше како ќе заврши овој дуел.

Поразот сепак не промени ништо, МЗТ Скопје остана лидер на табелата, додека пак гостиварци го задржаа четвртото место кое води во Супер-лигата.