Шпанските браќа Алекс и Марк Маркез имаа блескав настап на мото трката во Ле Ман, Франција. Помладиот Алекс прво победи во Мото 2, а подоцна Марк триумфираше во кралската класа со што ја обезбеди третата победа за сезоната 2019.

Во кралската класа втор беше Андреа Довициозо, а трет Данило Петручи.

Маркез добро стартуваше, а покрај него беа двајцата возачи на Дукати Довициозо и Петручи. Шпанецот, сепак, успеа да се издвои, а големи проблеми имаше Довициозо кој падна на седмата позиција. Валентино Роси имаше солиден старт и во првиот круг беше четврти. Пол Еспаргаро стартуваше добро и освои дури седум позиции и застана на петтото место. Тој го нападна и Роси, но Италијанецот се одбрани. А Маркез имаше закана од Петручи во раната фаза меѓутоа ги затвори приодите и не му дозволи на противникот да го претекне.

Џек Милер од Австралија во еден момент го претекна актуелниот шампион, но по само три круга Маркез ја врати првата позиција.

Милер од Прамак Дукати на крајот заврши како четврти, а Роси беше петти.

Маркез со овој триумф на Хонда и ја донесе 300. победа во кралската класа.

Во генералниот пласман Марк Маркез има 95 бодови, осум повеќе од Довициозо. Алекс Ринс кој денеска заврши на 10 место е трет со 75 бодови.

Наредната трка ќе се вози за две седмици во Муџело, Италија.