Наполи го декласираше Интер со 4:1 во еден од двата последни вечерашни дуели од претпоследното коло во Серија А лигата. Овој пораз ги остава „нероаѕурите“ и натаму да се „тресат“ за место во Лигата на шампионите следната сезона, особено што Милан сега е на само еден бод зад градскиот ривал и во последното коло ќе се решава кој од овие два тима ќе остане во ТОП 4 на табелата.

Желински погоди во првиот дел за наполитанците за водство од 1:0, за во вториот дел Мертенс и на двапати Руиз да го решат прашањето околу победникот на мечот. За Интер единствениот гол беше дело на Икарди од пенал.

Во последниот меч на домашен терен, шампионот Јувентус одигра само нерешено 1:1 против Аталанта. Гостите водеа од 33. минута со голот на Иличиќ, за Манџукиќ на 10 минути пред крајот да израмни. Гостите од Бергамо со овој бод остануваат на 3. место на табелата и ги задржуваат шансите за место во групната фаза од ЛШ.