Уште едно понижување за славниот Реал Мадрид. Во последното, 38.коло на Ла Лига „кралскиот клуб“ е поразен од Бетис со 0:2 и така го запиша 12-тиот пораз во првенството и 18-ти севкупно сезонава во 57 одиграни натпревари со што го изедначија сопствениот антирекорд од сезоните 1984/85 и 1995/96 кога имаа исто толку порази но во помал број на натпревари.

Сега Реал заврши на третата позиција во Ла Лига, но ризикува да го заврши шампионатот со рекорден 21 поен зад Барселона која вечерве ќе игра со Еибар.

А Бетис првпа во клупската историја во една сезона ги победил Барселона на „Ноу Камп“ (4:3) и Реал на „Сантијаго Бернабеу“ (2:0).

Средбата на „Бернабеу“ сигурно е последна за Герет Бејл. Тренерот Зинедин Зидан уште еднаш го понижи велшкиот интернационалец со тоа што не го пушти во игра, туку го остави на клупата.

А денеска Реал на голот го имаше и најрасположениот играч Кејлор Навас кој спречи повисок пораз. Иако беше најсветлата точка и единствено тој доби аплауз од навивачите, сепак, Костариканецот ќе го напушти клубот во текот на летото.