Пишува: Зоран Ѓоршоски

Претпоследното коло во ПМФЛ го одбележа предавењето на пехарот за најдобриот тим во Македонија за сезоната 2018/2019, а секако потоа и шампионското славје на Шкендија. Трета титула и сите под раководство на стратегот Ќатип Османи. Инаку Шкендија во мечот со Академија Пандев победи со 4:1 и притоа ја искажа сета своја сила. Иако не беше во целост комплетен составот на Османи, сепак и тие што играа на најдобар можен начин докажаа дека се убедливо најдобриот тим во Македонија.

„РОМАНТИЧАРИТЕ“ ЈА РАСПЛАКАА БЕЛАСИЦА…

Крај на серијата на Беласица, Работнички беше тој, односно младиот Кристијан Ацкоски, кој стави „печат“ на испаѓањето на Беласица во Втората лига. Се што е убаво си има свој крај, па така и серијата на Беласица. Кога сме кај Работнички нашиот втор најтрофеен тим уште еднаш покажа зошто е голем клуб. Кога е најпотребно, кога најмногу требаат победите „романтичарите“ знаат да се извлечат. Прво со Македонија ЃП а потоа и со Беласица среде Струмица. Два меча, две победи и освоени шест бодови. И сега Работнички е пред портите на Европа. Македонија ЃП очекувано го доби Силекс, сега „лавовите“ ги интересира само финаето во Купот на Македонија, меч кој се игра во среда и тоа против А. Пандев.

РЕМИ НА ЧАИР, УШТЕ ЕДЕН СРАМ ЗА ПОБЕДА

Шкупи и Ренова одиграа без победник на Чаир, освоија по бод, исход кој не може да ги задоволи и двата клуба. Секако дека Шкупи тука повеќе загуби, сега ако сака евентуално да избори излез во Европа ќе мора да го победи Работнички на негов терен. За Победа што да се каже, освен дека прилепчани одиграа уште еден срамен натпревар. Не дека некој очекуваше да дојде до добар резултат против Вардар, но така лесно да се примаат гол, е тоа го може само еден провинциски тим и клуб, а не гордоста на фудбалски Прилеп.