Следниот викенд (31 мај до втори јуни) во Прилеп ќе се одржи првиот меморијален турнир „Таста-Лара“ во чест на двете ракометни легенди Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара, кои починаа минатата година.

Нивното пријателство и придонесот во ракометот беа повеќе од мотивација за „Млади ветерани“ на Прилеп да го организираат овој меѓународен спектакл, кој ќе биде и под крилата на Агенцијата за млади и спорт, и ќе се игра на отворено.

Ракометната фела во Македонија, но и надвор на големо задоволство ја прифати поканата да биде дел од турнирот посветен на двете големи легенди, кои засекогаш ќе останат во срцата на оние добри познавачи на овој спорт.

Според досегашните информации учество ќе земат, екипи од Војводина, Нови Сад, Грција, најавени се ветеранките на „Тут-ком“, тимот кој токму Таста и Лара, го предводеа до најголемиот успех во тогашната женска македонска лига (1987/88), влезот во втората ЈУ лига, како и Борец, репрезентација на Македонија (ветерани), женскиот тим на Богданци, има покана и до оној ѕвезден состав на Кометал Ѓорче Петров. На теренот ќе бидат Мојсоски, Димовски, Петровски…

Задолжени за македонската химна на турнирот ќе биде музичката група „Некст Тајм“.

Организаторите, но и сите во Прилеп посакуваат токму овој интернационален турнир да прерасне во традиција, а последниот ден ќе биде посветен и на прилепските легенди и ветерани кои ќе добијат признанија.

Таста и Лара беа страв и трепет за противниците. Кузманоски беше еден од најдобрите прилепски спортисти, беше вистински бомбардер, лидер во „Тут Ком“. По завршување на кариерата продолжи како тренер во истоимениот женски тим, а потоа стана и претседател. Тој беше координатор на младинската репрезентација која го забележа еден од најголемите успеси (шампион на Балканот и четврто место во Европа).

Борбеноста и храброста која го китеше Кузманоски, ја продолжи неговиот син, Горан, нешто на што беше горда легендата.

Лара беше сличен на својот другар, исто како него ги полнеше противничките мрежи, тој беше добитник и на наградата за најдобар спортист на Прилеп.

За пријателството меѓу Таста и Лара ќе се зборува долго време, двајцата починаа во период од 20 дена.