Ајнтрахт Франкфурт беше елиминиран во полуфиналето на Лигата на Европа, а навивачите на оваа екипа останаа разочарани и со купени билети за финалето кои сега не им требаат. Поради голем интерес за билети на натпреварите на Ајнтрахт во Лига Европа, навивачите си обезбедуваа билети уште пред да почнат дуелите од четвртфиналето (со Бенфика) и полуфиналето (со Челси). Стадионот беше полн до последното место и атмосферата беше надополнета со прекрасна кореографија.

Пред мечот со Челси, дел од навивачите побрзаа навреме да си обезбедат билети за финалето убедени дека тимот од Франкфурт ќе го игра првото финале после 1980 година.

Но Ајнтрахт не успеа да го помине Челси, па во Баку за трофејот од ЛЕ ќе се борат два лондонски клубови – Челси и Арсенал.

Околу 100-тина навивачи на Ајнтрахт кои предвреме обезбедиле билети за финалето одлучиле да ги донираат на сиромашни деца и деца без родители во Азербејџан.