Ракометарите на Вардар со триумфот над Еурофарм Работник  36-29 (19-14) на две кола до крајот на Супер-лигата го подигна 13-от пехар во домашниот шампионат и постана првата екипа која успеала да освои над 10. титули. „Црвено-црните“ се најтрофејни, со вкупно 28 трофеи во 27 сезони, 13 пати биле прваци на Македонија, 13 пати го освоија Купот и два пати беа победници на Супер-купот.

Откако ја завршија домашната задача, на Роберто Гарсија Парондо и неговите избраници им остана најважната битка оваа сезона, фајнл-фор завршницата во Лигата на шампионите. Во полуфиналето (први јуни) македонскиот првак ќе игра против Барселона. Каталонскиот гигант оваа сезона на дело покажа зошто е еден од најголемите кандидати за освојување на пехарот, но „црвено-црните“ и покрај бројните проблеми испратија порака дека невозможното можат да го претворат во возможно.

Она што е најважно е дека Парондо на располагање го има сите ракометари, во составот се врати Кристијан Дисингер, па Вардар во Келн треба да настапи со целиот „арсенал“.

Остануваат уште 10 дена до пресметката со каталонскиот гигант, доволно за максимална подготвока.

Мотив плус за „црвено-црните“ ќе бидат фановите, официјално на трибината за македонскиот првак ќе има 400 навивачи (од картите продадени во Скопје), неофицијално во Келн секогаш доаѓаат македонските иселеници.

Вардар за утре закажа промоција на новиот дрес за Ф4, а мотото е :  НОВ ДРЕС, ИСТА ЦЕЛ – ПОБЕДА ВО КЕЛН