Постоеше ризик Аријан Адеми и Езџјан Алиоски да не бидат на списокот на Игор Ангеловски за престојните два квалификациски натпревари против Полска и против Австрија на 7 и 10 јуни во Скопје. Меѓутоа самите побарале да бидат дел од селекцијата, и да играат. Тоа го потврди и на денешната прес-конференција селекторот Игор Ангеловски.

„Алиоски и Адеми самите после операција побараа сами да бидат во комбинација, и тоа кажува какви играчи станува збор. Исто така и Несторовски имаше една повреда, но и покрај тоа даваше голови. Алиоски и самиот ми рече дека ќе игра во финалето за пласман во Премиер- лигата. Знам дека е голем борец, и додека има и најмали шанси за настап, ние ќе сметаме на него. Повреда имаше и Велковски, но нема да се откажеме од никого. Верувам дека сите повикани играчи ќе бидат во комбинација и дека ќе не одминат оние повреди“, изјави селекторот на македонскиот национален тим.