Одбојкарите на Џио Струмица со победа од 3:0 во вториот финален меч од плеј-офот над екипата на Шутова успеаја по седмипат да ја освојат домашната одбојкарска титула. Вечерва во салата „Парк “ во Струмица, фаворитот обезбеди убедлива победа од 3:0 (25:23, 25:22, 25:17) и ја потврди доминацијата на домашната одбојкарска сцена.

Освен во првиот сет во кој видовме неизвесност во завршницата на сетот, во следните два момците на Кире Ричлиев ја потврдија класата и успеаја да ја одбранат двојната круна од минатата сезона. Во април во истата оваа сала, Џио Струмица триумфираше и во Купот на ОФМ, со што најави дека и оваа година им нема достоен ривал на домашната одбојкарска сцена.

За Џио Струмица ова е 13 пехар на домашната сцена и шеста двојна титула. Пред нив и натаму останува Работнички, кој има 15 шампионски титули.