Сопственикот на Наполи Аурелио де Лаурентис во разговор за „Газета дело Спорт“ откри дека имал фантастична понуда од 900 милиони евра за клубот меѓутоа ја одбил.

„Пред неколку денови ми пријде еден господин и ме прашуваше за клубот. Сакаше да ме запознае со еден бизнисмен кој е заинтересиран да го купи Наполи. Сакал да ми понуди 900 милиони евра. Се насмеав и му реков, го ценам тоа што се интересирате за клубот, но Наполи не е за продавање. Ако веќе го продавам тоа ќе биде само на човек кој ќе биде способен да го држи клубот на вистинскиот пат“, вели Де Лаурентис кој додаде дека сака од идната сезона во тимот да го види ветеранот Фабио Кваљарела.

Кваљарела е роден во Неапол и во сезоната 2009/10 играше за клубот од „Сан Паоло“, меѓутоа беше принуден да си замине. АДЛ сака да ја исправи грешката и да го врати назад.

„Мислам дека заслужува шанса. Тоа би било романтично решение да ја заврши кариерата во Наполи, таму каде што почна. Со тоа ќе биде исправена неправдата која му ја нанесовме претходниот пат. Финансиите не се проблем“, додаде првиот човек на Наполи.