23-годишниот српски голман, Дејан Милосављев, во пресрет на завршниот турнир од Лигата на шампионите во интервју за сајтот на ЕХФ зборуваше за целата сезона мината во дресот на „црвено-црните“ и за начинот на кој стана една од главните алки во играта на нашата ракометна гордост.

„Целиот тим, а особено тренерот на голманите Дејан Периќ, многу ми олеснија бидејќи поминаа многу време работејќи со мене. Секако, тренинзите и добрата соработка со најдобрите играчи во светот ми дадоа верба, ја подигнав самодовербата за да можам да играм против сите. Сакам да играм под притисок и, како што велат тренерите и искусните играчи, нема шампион ако нема притисок”, вели Милосављев.

За главните причини за неговата неверојатна изведба оваа сезона, голманот на Вардар додава:

„Ако сакате да бидете добар голман, треба да ја сакате својата позиција на начин кој другите луѓе и играчи не ја разбираат. Ќе добиете многу непријатни удари и многу болка, но на крај сте среќни затоа што го сакате она што го правите. Мислам дека ова е најважното нешто. Сè друго е учење и надградба“.

Вардар има голем предизвик цела сезона, но Милосављев знае што му е единствената желба во моментов:

“Мојата желба е да станам шампион во Келн. Ф4 турнирот е сонот на секој ракометар и многу сум среќен што ќе учествувам на овој настан и ќе видам како тоа изгледа. Желбата за победа и одличниот квалитет и искуството на играчите се заштитен знак на Вардар. Вистинските херои се раѓаат кога се соочуваат со тешки ситуации и можам слободно да кажам дека моите соиграчи се најголемите херои што ги познавам”, вели Милосављев.