По шест часа конечно заврши Собранието на АБА-лига кое беше жешко. Засега јадранското натпреварување нема да се проширува, што значи дека Олимпија ќе игра во второлигашката конкуренција во која оваа сезона се натпреваруваше МЗТ Скопје.

Покрај Словенечкиот тим „ладен туш“ добија Олимпијакос и Панатинаикос. Игор Додик потенцира дека актите на АБА-лига не дозволуваат учество на грчки прволигаши, но и дека двата тима не поднеле целосна документација.

Сепак е договорен состанок со челниците на грчките гиганти за една недела, кога треба да се одржи ново Собрание на јадранското натпреварување.

Кога сме кај Олимпијакос и Панатинаикос, неиграњето во АБА-лига најтешко ќе им падне на „црвено-белите“ кои се исфрлени од Првата грчка лига поради протестирање на четвртфиналните пресметки токму против најголемиот ривал.

Инаку Собранието заглави на првата точка од дневниот ред, затоа што преставникот на Будуќност не се откажува од барањето за поништување на финалната серија од плеј-офот во која победи Црвена Звезда со 3:2. Неофицијално, АБА ги казнила преставниците на двата клуба со по 10.000 евра.