Во Струга Трим Лум време е за славје. Денеска клубот ќе биде крунисан во првак на Втората лига – Запад со доделување на пехарот а со тоа станува и официјално дел од фудбалската елита на нашата земја. Раководството на клубот не крие дека се подготвува спектакл на градскиот стадион во Струга, очекува голем број фудбалски фанови да дојдат и да го проследат дербито со Лабуништа, кое започнува во 16:30 часот. Бесарт Исаку, директорот на Струга Трим Лум за СПОРТМЕДИА вели дека се  подготвува спектакл, фешта…

„Пред се да кажам дека ова е голем успех за сите нас во Струга Трим Лум. Имавме напорна сезона, но големата работа доведе и до голем успех. За овој пласман во Првата лига заслужни се сите, почнувајќи од претседателот и спонзор Арбтрим Ќира, потоа стручниот штаб на чело со Јетон Беќири, па играчите, нашите фанови. И сега е време за прослава, како што личи да го прославиме овој наш успех“ вели Исаку.

ГОСТИ ОД АЛБАНИЈА, КОСОВО, ОД ДРУГИ НАШИ КЛУБОВИ

„Спектаклот на Градскиот стадион во Струга започнува во 15 часот. Полчасовен натпревар ќе одиграат ветераните на неколку клубови од градот и околината. Потоа следува големото дерби со Лабуништа, нашиот прв сосед и клуб кој заврши како втор на табелата. По мечот од ФФМ добиваме пехар како прваци во Втората лига – Запад. Очекуваме доста публика, очекувам сите да уживаме во текот на денешното попладне. Ќе имаме и специјални гости од клубови од Албанија, Косово, секако и од домашни клубови, фудбалски луѓе. Така да ми останува само да ги повикам фановите и љубителите на фудбалот да дојдат и да бидат дел од овој историски ден за нашиот клуб. На крај да додадам дека влезот  на градскиот стадион ќе биде слободен, но ќе има кутии за да сите можеме да приложиме парични средства со цел да учествуваме во хуманитарната акција за нашиот пријател и голман на Лабуништа Мартин Стојаноски, кого го очекува операција во Русија. Сите сакаме повторно да застане на голот“ ни изјави Исаку.