Финалето на Лигата на Европа помеѓу Челси и Арсенал ќе се одигра во среда на „Олимпискиот стадион“ во Баку, Азербејџан. Одлуката на УЕФА Баку да биде домаќин на финалето може да биде катастрофална во историјата на ова натпреварување. Имено, од моментот кога УЕФА на Азербејџан му го додели домаќинството на ЛЕ, фудбалската јавност негодуваше, а како се ближи денот на одигрување на натпреварот ситуацијата станува алармантна. Како што стојат работите натпреварот ќе се одигра пред полупразни трибини.

Навивачите на двата лондонски тимови, па и самите клубови, изразија незадоволство од тоа што финалето се игра во Баку дури четири илјади километри подалеку од Лондон. Клубовите добија по шест илјади влезници, но продажбата оди многу слабо. Арсенал четири дена до мечот продал 3.500 билети, додека Челси само 2.000.

Причината за бојкот на навивачите е од финансиска прочина, поради оддалеченоста и трошоци за престој.

А самата одлука Хенрик Мхитарјан да не го игра финалето дополнително ги налути навивачите на Арсенал. Азербејџан не му издаде виза на Ерменецот поради тоа што двете држави одамна се во конфликт, па тука ни УЕФА не можеше да помогне.

Од друга страна претседателот на УЕФА Александар Чеферин ја бранеше одлуката финалето да се игра во Баку.

„Зарем луѓето во Баку не заслужуваат да гледаат врвен фудбал? Тие ретко имаат ваква можност, а верувајте има многу луѓе кои ја сакаат оваа игра и кои се желни во својата татковина да видат некој врвен клуб. А ситуацијата со човековите права е проблем, но тоа е проблем во многу европски држави“, изјави Чеферин.