Вардар, Барселона, Веспрем и Келце, но и целата ракометна европска јавност одбројува до стартот на фајнл-фор завршницата во Лигата на шампионите. Мотивот да се стигне до пехарот е посебен кога четирите најдобри екипи ќе излезат на теренот во „Ланксес Арена“, па токму затоа фаворитите не секогаш излегуваат како победници.

Ова му е јасно на стратегот на Барселона, Чави Пасквал. Иако каталонскиот гигант оваа сезоната двапати го совлада Вардар без проблем, сепак сите се внимателни пред пресметката за пласман во големото финале.

Она што е доста интересно е што во изјавата на ЕХФ тој го спомна Арпад Штербик како голман на македонскиот првак. Секако станува за грешка, но чија….

„Не очекувам сличен меч како оние претходно. Ние за противник имаме тим кој нема што да изгуби. Вардар го има Арпад Штербик, Скубе кој му дава мобилност, Карачиќ кој игра добра сезона, како некогаш претходно. Тука е Кристопанс које тешко да се сопре. Она што го направивме претходно не е никаква предност за нас, ние почнуваме од 0:0, ќе биде доста тешко“, рече Пасквал.

На прашањето дали ќе одат по одмазда по оној пораз во полуфиналето во 2017 година кога Вардар стана шампион тој рече:

„Не го сакам зборот „одмазда“, но сигурно дека ќе имаме екстра мотивација за Вардар. Но, и да победевме пред две години, исто така ќе посакувавме победа и оваа сезона. Моите играчи не гледаат кој се наоѓа пред нив, тие само сакаат да победат“.

Полуфиналните мечеви се закажани за први јуни, следниот ден се играат битките за третото место и финалето.