„Фајнаншл Тајмс“ денеска соопшти дека Катар Спортс Инвестмент, компанијата која го поседува францускиот фудбалски клуб ПСЖ има намера да влезе во англискиот фудбал поточно да ги купи акциите на фудбалскиот клуб Лидс Јунајтед.

Претходно се зборуваше дека Катарците можат да влезат во Рома, но претседателот на италијанскиот клуб Џејмс Палота ги демантираше тие информации.

Лидс Јунајтед е клуб со богато минато, некогаш беше великан на англискиот и европски фудбал, за него играа врвни англиски фудбалери, меѓутоа во последните години се бори да се врати на старите патеки. Секогаш блиску но никако да избори пласман во Премиер лигата. Оваа сезона иако влезе како фаворит, испадна во полуфиналето на плеј-офот од Дерби Каунти.

Сегашниот сопственик на јоркширскиот великан Андреа Радрицани одамна сака да го продаде клубот затоа што постојано паѓа во финансиски проблеми поради неможноста да се избори место во англиската елита, па бара начин да го даде на некој друг. Така клубот влегува во проектот на QSI кој ќе се обиде да го крене паднатиот џин и на тој начин како фирма да си се сместат на англиско тло.

Доколку успее оваа зделка Лидс би станал третиот клуб кој за сопственик ќе има нафтена компанија во сопственост на Арапи. Манчестер Сити го поседува Шеикот Манур бин Зајед Ал Наџан од Обединетите Арапски Емирати, а Шефилд Јунајтед го држи Саудискиот принц Абдула бин Мусад бин Абдулазиз.

Интересно, од друга страна Радрицани доколку го продаде Лидс на катарската компанија има намера да се врати во Италија и да ја купи Џенова од Енрико Прециози кој пред две недели објави дека го става клубот на продажба по неколкумесечните интензивни протести од фановите.

Кога сме кај промена на сопствеништвото, Фиорентина наскоро може да добие нов газда и тоа американскиот бизнисмен со италијанско потекло Роко Комисо.