Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски поради суспензија го пропушти натпреварот од финалето на Купот на Португалија помеѓу Спортинг и Порто. Неговиот тим успеа да дојде до трофејот по подоброто изведување на пеналите и така стигна до вториот трофеј сезонава после оној во Лига купот.

„Многу е тешко кога не играш. Меѓутоа среќен сум поради тоа што го освоивме трофејот од Купот. Успеавме да го исполниме сонот на сите навивачи на Спортинг. Овие фанови го заслужија тоа. За овој трофеј работевме сите. Тешко е да се објасни. Идната сезона ќе бидеме посилни“, изјави Ристовски кој потоа упати порака до првиот човек на клубот Фредерико Варандас.

„Погрижете се капитенот на тимот да остане (Бруно Фернандеш), без него сме ништо“, порача македонскиот интернационалец кој можеби летоска ќе ја смени средината и ќе премине во Лацио кој е најзаинтресиран за неговите услуги.