Дин Смит и Џек Грилиш се двајцата предводници на Астон Вила. Едниот од клупата, другиот на теренот. Она што е интересно е што и двајцата се навивачи на овој клуб од мали нозе, а сега се предводници. Значи работат од срце – па успехот кога-тогаш мораше да дојде.

Бирмингемските „лавови“ лошо ја започнаа сезоната, Стив Брус се најде под голем притисок и во октомври „пукна“. Раководството не можеше да го истрпи повеќе и бесна на пласманот на 15-тата позиција реши да се ослободи од него.

Мораше да најде паметно решение, човек кој ќе ја раздвижи екипата која ќе ја извлече од летаргијата, кој од мрзлива екипа ќе ја направи динамична и ефикасна. Изборот падна на Дин Смит некогашен фудбалер на Лејтон Ориент, а како тренер собираше искуство во Волсол и Брентфорд. Причината поради која раководството одлучи да го донесе Смит е што тој од дете е навивач на Астон Вила. Роден во Вест Бромич пред 48 години, но редовен гледач на натпреварите на „лавовите“.

Капитенот Грилиш е роден во Бирминген. Момчето кое сакало да се запише во ниту еден друг бирмингемски клуб освен во Астон Вила затоа што навива за нив, а плус и неговиот татко е навивач на „лавовите“, а неговиот прадедо Били Грати исто така играл за Астон Вила освојувајќи го ФА Купот во 1905 година.

Грилиш веќе 19 години е член на Астон Вила, ги поминал младинските категории, а сега е капитен на екипата. Интересно, малку фалеше минатата сезона по поразот во финалето на баражот за Премиер лигата поради финансиски проблеми да биде продаден. Прво му било соопштено дека може да си ги пакува куферите затоа што ќе оди во друг клуб, но потоа одлуката била тој да остане откако биле најдени финансиски средства.

А клубот не погреши, Грилиш е водачот на оваа талентирана екипа на Астон Вила. Ретко постигнува голови, но затоа проигрува и асистира. Неговото присуство ја крева екипата едно ниво повисоко. Сега е херој, пак ќе го гледаме во Премиер лигата, а за него веќе се интересираат бројни англиски клубови: Арсенал, Ливерпул, Тотенхем, Манчестер Јунајтед…