Откако вчера заврши сезоната во Првата лига, во Вардар почнаа промените во играчкиот кадар. „Спортмедиа“ неофицијално дознава дека Хуан Фелипе, Горан Попов, Вилијан Лира и Кларенс Битанг нема да бидат дел од „црвено-црните“ во идната сезона. На сите четворица договорите им се истечени, не им се понудени нови, и од тука многу веројатно дека тие ќе си бараат нови средини.

Затоа, пак, од друга страна Вардарци ќе понудат нови договори за неколкумина играчи. Нашите информации велат дека нов договор е понуден на голманот Филип Гачевски, кој што беше капитен во пролетниот дел од сезоната, потоа нова соработка ќе добијат уште и Владица Брдаровски, Коста Манев и Дарко Мицевски.

Во секој случај во таборот на најтрофејниот клуб летово се очекуваат огромни промени, особено во играчкиот дел. Тимот ќе има сосема поинаков лик за следната сезона. Сепак, вреди да се напомене дека Вардарци ова лето нема да настапат во Европа, со оглед дека ФФМ не им издаде лиценца за настап во Лигата на Европа поради неисплатени обврски.