Унион Берлин првпат во историјата ќе игра во германската Бундес лига. Таа привилегија ја доби откако во двомечот од баражот го исфрли далеку попознатиот и поголемиот Штутгарт.

Овој клуб за кој малкумина слушнале се разликува од останатите. Клубот може да се каже народски затоа што постои многу чудна врска помеѓу него и навивачите односно симпатизерите. Во денешна форма постои од 1966 година и претставува тотална спротивност на градскиот ривал Динамо Берлин. Во постојана борба со неправдата, политиката и измамите со оглед на тоа дека Динамо кој е играчка на Ерик Миелке, поранешниот шеф на тајната источно-германска полиција не дозволувал да му се земе трофејот (10 едноподруго во Источна Германија од 1979 до 1989 година).

А Унион има тотално спротивна публика, со оглед на тоа дека е клубот на работничката класа автоматски се противници на политичкиот и културниот естаблишмент. Од тука се развило крвавото ривалство со Динамо Берлин кое е едно од најжестоките во Германија (Динамо моментално е третолигаш).

Од 2004 година под директива на Дирк Цинглер, клубот фаќа правец, ред и почнува да расте. А исто така расте и врската меѓу клубот и навивачите.

На пример во 2008 година Федерацијата го предупредила клубот дека нема да му издаде лиценца за играње во Цвајте (Втората лига) поради проблеми со стадионот и немањето на безбедносни услови. Нешто повеќе од 2.000 навивачи работеле волонтерски, ги урнале старите тераси на трибините и направиле нови, го реновирале пристапот до стадионот и трибините ги монтирале и седиштата. Вкупно 3750 денови траела целата операција. Со тоа му спасиле на клубот нешто повеќе од два милиони евра од вкупната сума за реновирање која изнесувала 15 милиони. Лиценцата е обезбедена – клубот заиграл во Втората лига.

А четири години претходно, пред да дојде Цинглер, тие преку крводарителски акции собраа пари за да го спасат клубот од банкрот. Под мотото „крв за Унион“ кампањата помина успешно, а клубот ги доби потребните пари за да избегне ликвидација.

СО КРЕВЕТИ НА СТАДИОН ДА ГО ГЛЕДААТ СП 2014

Уште нешто интересно поврзано со Унион. Клубот направи одлична рекламна кампања во 2014 година кога ги отвори вратите на стадионот „Куќата на стариот шумар“ за сите фудбалски љубители. Клубот им порача дека сите можат да си ги донесат удобните софи, кревети и фотељи на теренот и сите заедно на голем екран да ги следат натпреварите на германската фудбалска репрезентација во Бразил. Па дури и да преспијат на стадионот. Семејна атмосфера, надополнета со богата трпеза и секако германско пиво…

ЕВЕ ЗОШТО НАРОДОТ ГО САКА ОВОЈ КЛУБ

„Унион е како фамилија. Кого и да прашате во Германија ќе ви каже дека Унион е различен од другите. Многу клубови главните луѓе одредуваат во која насока ќе се движи клубот. На пример Лајпциг (Ред Бул) има своја визија и тоа е во ред. Но кај Унион навивачите се тие кои одредуваат во која насока клубот ќе се движи. Тоа го нема секаде. Кај нас навивачите се пред се. Тие не се третирани како клиенти, потенцијален извор на парични средства. Ние работиме поинаку. Ние заедно ги решаваме проблемите. Затоа мислам дека и народот го сака овој клуб“, вели потпаролот на клубот Кристијан Арбеит кој се присетува на минатото, во осумдесеттите години.

„Токму поради тоа натпреварите на Унион ги посетувале 20.000 навивачи, а на локалниот Динамо Берлин само 3.000“, вели Арбеит.

УНИКАТНО… СЕКОЈ КЛУБ БИ САКАЛ ДА ИМА ВАКВИ НАВИВАЧИ…

Па овие навивачи заслужија награда… заслужија да го гледаат својот омилен клуб во Бундес лигата… заслужија на стадионот што тие го градеа да ги гледаат гигантите Баерн, Дортмунд, Менхенгладбах, Шалке…