Вторпат во период од месец дена Металург го победи Вардар, овојпат во рамките од последното коло во Суперлигата, 32:29 (16:15). Она што е уште помалку верно е дека „црвено-црните“ за четири дена доживеаја нов пораз на домашната сцена (по оној од Пелистер во саботата), но и овој како и претходниот беа пресметани.

Поточно, фактот дека Вардар веќе го крена шампионскиот пехар во домашното првенство и дека нема што да загуби му доволи на Роберто Гарсија Парондо да си комбинира со составот, па со исклучок на голманскиот тандем Гедбан и Милосављев, да не искористи ниту еден друг играч од првиот тим.

За „црвено-црните“ приоритет е Ф4 во Келн во Лигата на шампионите престојниот викенд па поради тоа Шпанецот како и против Пелистер им даде шанса на помладите играчи. „Металурзите“ знаеја како да го искористат тоа, имаа контрола над резултатот од почетокот до крајот. Највисоката предност изнесуваше девет гола (28:19, 29:20, 30:21), за на крајот со серија од 1-5 Вардар да дојде до пристојна негатива од три гола.

Мице Шилегов со 8 гола и Тадеј Матијашевиќ со 7 погодоци беа најефикасни кај Металург, додека Давид Ставревски со 5 погодоци беше најпрецизен кај Вардар.