Ќе гори синиот дел на Лондон. Челси го освои пехарот од Лига Европа откако вечерва го совлада градскиот ривал Арсенал со 4:1 во финалето одиграно во Баку, Азербејџан. „Сините“ имаа лошо прво, меѓутоа фантастично второ полувреме. Во првите 30-тина минути беа набиени на својата половина не успевајќи да ја пренесат топката нанапред. Но кога еднаш го направија тоа веќе тргна возот. Ја тресеа мрежата на Арсенал како од шега. Дефанзивата на „топчиите“ се распадна како кула од карти.

Челси победи и вторпат го освои трофејот од Лига Европа по оној во 2013 година, а нивниот тренер Маурицио Сари до првиот трофеј воопшто во тренерската кариера. Арсенал не успеа до вториот меѓународен трофеј, а прв после 25 години пауза.

„ТОПЧИИТЕ“ ДОБРИ САМО ПО ПРВИОТ ПОЛ ЧАС

Без голови во првото полувреме. На теренот излегоа 22 играчи од 15 националности со што е изедначен рекордот од 2010 и 2017 година. Англиско финале со само еден Англичанец на теренот – Матланд-Најлс од Арсенал. Она што се претпоставуваше се оствари. Многу празни места на трибините на стадионот во Баку. Околу 7.000 англиски навивачи на трибините од можни 12.000 колку што беа пуштени билети за двете екипи.

На теренот „топчиите“ далеку подобар противник на стартот, буквално го напикаа противникот во неговиот шеснаесетник, поточно во првите 25 минути „сините“ не успеаа да излезат од својата половина.

Во 28 минута Гранит Џака распали од голема далечина, но топката ја здрма пречката од голот на „сините“. Во продолжение Челси почна да се буди, почна да ја пренесува топката на противничката половина, а тоа веднаш можеше да им донесе резултат.

Во 39 минута беше проигран Оливие Жиру кој шутна во долниот десен агол од противничкиот гол, а Чех одлично реагираше и го одбрани шутот.

ЧЕЛСИ ДАДЕ ТРИ ГОЛА ВО ПЕРИОД ОД 15 МИНУТИ

Само што почна второто полувреме Жиру го нокаутира својот поранешен клуб. Емерсон нафрли од левата страна, а Французинот со глава ја смести топката во мрежата на Чех. Тоа е негов 11. гол сезонава во Лигата на Европа.

Фуриозно второ полувреме на Челси беше комплетирано со уште два брзи гола. Еден Азар продре по десната страна го пронајде Шпанецот на 14 метри, а овој го погоди голот на Чех. Во 64. минута  Матланд-Најлс го собори Жиру во казнениот простор, а Роки без дилеми покажа на 11 метри. Азар го претвори пеналот во гол за огромна предност на лондонските „сини“ од 3:0.

УБАВ ГОЛ НА ИВОБИ, НО АЗАР ЈА „УБИ“ НАДЕЖТА НА ПРОТИВНИКОТ

Но уште не се израдуваа на голот на Азар, Арсенал го намали резултатот за надеж во финишот дека може до чудо. Меѓутоа се случи спротивното, најдобриот играч на „сините“ Азар зголеми на 4:1. Во 80 минута супер шанса имаше и капитенот на Челси Аспиликуета но по неговиот шут топката профуче покрај голот на Арсенал.

Пет минути подоцна „топчиите“ можеа да намалат но прво Лаказет не успеа да погоди, а веднаш по него Вилок го промаши целиот гол од идеална позиција.

Овој триумф на Челси од 4:1 воедно е најубедливата победа на еден тим во финале на Лига Европа (секако откако е трансформирано од Куп на УЕФА во сегашен формат).