Весна Николовска

Кулминацијата на сезоната во најсилното европско клупско друштво, Лигата на шампионите, нè чека викендов во „Ланксес“ арената во Келн, каде трета година во низа македонскиот првак Вардар ќе го видиме меѓу најдобрите четири екипи во Европа. Разликата од претходните две години не е само во вардаровиот ростер, туку и во човекот во сенка, кој истовремено е и главниот диригент – Роберто Гарсија Парондо.

Скромниот Шпанец цела сезона ги ставаше ракометарите во прв план, им се заблагодаруваше за чудата кои ги прават на теренот и играта која ја презентираат и беше горд на нив, а во пресрет на најважните два натпревари во Лигата на шампионите СПОРТМЕДИА одлучи токму Парондо да биде во центарот на вниманието.

СПОРТМЕДИА: Прва сезона како тренер на голем клуб, сезона полна предизвици и големи главоболки, подеми и падови. Дали во август можеше да си замислиш ваков расплет на сезоната?

„На почетокот на сезоната се обидував да ги поставам насоките, да работам со тимот и да бидам подготвен за почетокот на сезоната. Имавме тежок почеток, повреда за повреда, останав без неколку играчи, следеа операции… Поради тоа и мојот фокус и фокусот на играчите секогаш беше само следниот меч. Мислевме недела за недела, не повеќе. Секако дека си велиш, ако успееме да дојдеме до добра позиција во групата можеби ќе можеме да го минеме осминафиналето, потоа четвртфинале… Но едноставно немав ни време, ни простор да мислам на Ф4 на почетокот на сезоната. Никој кој не беше дел од тимот не веруваше во нас – така беше на почетокот на сезоната. Многу новитети, како на клупата, така и во играчкиот кадар, на Вардар не му се даваа шанси дека ќе биде во најдобрите десет, дека ќе ја мине групната фаза, потоа можеби дека ќе играме четвртфинале, но никогаш не бевме фаворити. Ова е награда за играчите, силно сакавме да играме на Ф4 и си го остваривме тоа“ – гордо заклучува Парондо.

СПОРТМЕДИА: Лани беше со Вардар на Ф4 во Келн, но како поддршка во публика, оваа сезона ќе бидеш на клупата…

„Тоа е животот (се смее), не е дека го планирав враќањето во Келн. Лани сакав да бидам со тимот, затоа што Ф4 е важен настан и го побарав тоа од првите луѓе на клубот кои ми овозможија. Сакав да ја почувствувам атмосферата, играчите, да видам како се однесуваат, како се чувствуваат. Не мислев дека јас ќе се најдам во таква ситуација годинава… Сега се ќе биде поинаку… Не морам да чекам да стигнам во Келн, веќе го знам тоа.“

СПОРТМЕДИА: Веќе имаш едно искуство на Ф4, она во Будимпешта во Лигата на шампионите кај дамите, колку тоа може да ти помогне во Келн или не може да се направи споредба?

„Не, не може да се направи споредба. Но, не затоа што тоа беше женски Ф4, туку затоа што секој турнир е различен. Ние имаме доволно искуство со такви ситуации во СЕХА лигата, еден турнир и два натпревари за 24 часа кои решаваат за сè. Но, од друга страна и не е само искуство, влијаат и многу други фактори, но тоа е ракометот и тоа е убавината на Ф4. Играв на три Ф4 турнири кога бев играч и секој од нив беше различен.“

 

СПОРТМЕДИА: Дали зборуваше со Раул деновиве, дали ти даде некој совет?

„Зборувам многу со Раул… Пред Сегед, по Сегед, пред Ф4… зборувавме за тоа како сме, како тој се чувствува поради елиминацијата, како јас се чувствувам… Но, не ми даде никаков совет за Ф4. Едноставно беше среќен, за мене, за Вардар, затоа што клубот многу му значи… Нема да може да дојде да нè поддржи во Келн затоа што се уште има обврски во француското првенство. Сакаше да дојде, но нема да може.“

СПОРТМЕДИА: Ќе има многу шпански тренери во Келн сезонава, поточно сите… Ќе ти биде ли предизвик да се надмудруваш со луѓето од кои си го учел ракометот?

„Се подготвуваме за Барселона и кога работам на тоа не мислам дали имаат шпански тренер или од Шведска или од Норвешка. Мислам само на тоа како играат и што е тоа што ние можеме да го направиме за да бидеме подобри од нив. Во текот на сезоната игравме против толку многу екипи кои се предводени од шпански тренери… Вистина е дека Шпанците повеќе внимание посветуваат на тактика и на надмудрување, секогаш подготвуваме нешто, но не мислам на тоа, се обидувам да го најдам најдобриот начин како да играме против Барселона.“

СПОРТМЕДИА: Најде некои слабости во играта на Барселона?

„Се обидувам! Тие се одличен тим, дефинитивно. Загрижен сум за нивната одбрана. Скоро сите победи сезонава ги имаат поради силната дефанзивна линија, прават многу контра-напади, со одбраната освојуваат многу топки и доаѓаат до лесни голови…“

СПОРТМЕДИА: Тоа е исто како и тактиката која ја преферира и Вардар…

„Секако, без одбрана немаме шанса. Може да добиеш еден натпревар, но без добра одбрана не може да стигнеш на Ф4. Треба цела сезона да бидеш на тоа ниво. Работиме така да биде и во Келн.“

СПОРТМЕДИА: Какви очекувања имаш од Ф4, надежи?

„Само да играме! Верувам дека играчите ќе го дадат најдоброто од себе. Не мислам на финале, на трофеј, дали ќе бидам трет, четврт… Не, мислам само на Барселона! Да се подготвиме за Барса најдобро што можеме и да одиграме најдобро што знаеме и кога ќе заврши натпреварот ќе видиме што ќе се случи. Неверојатното на Ф4 е што сè е можно во 24 часа! Сè се случува брзо и сите опции се во игра. Ако победиме ќе треба да мислиме на финале, ако не, на она што нè чека во мечот за трето место.“

СПОРТМЕДИА: Во целото ова лудило кое се случува околу клубот и неизвесноста за неговата иднина како успеваш да ги мотивираш играчите, да ги задржиш фокусирани само на Ф4?

„Никој не мора да им каже ништо на играчите, мотивирани се сами од себе. Уште пред четвртфиналните натпревари Ф4 беше фокусот, целта… Сега, кога сме таму, никој не треба да им каже ништо на играчите. Дури и некој да дојде сега, да им понуди нешто или да се обиде да ги мотивира дополнително, нема да може да го стори тоа повеќе отколку што тие самите му даваат значење на Ф4. Тие најдобро знаат колку е ова важно!

На почетокот на сезоната никој не веруваше дека Вардар ќе стигне до Келн, но еве не, а сега, сега знам само дека сите од прв до последен од играчите ќе изгинат на теренот за титулата. Ништо не може да ги мотивира повеќе од европскиот пехар, тие најдобро знаат што значи тоа!“