Четврток кон петок во 3.00 часот по македонско време, почнува финалната серија во НБА лигата помеѓу дебитантот Торонто Репторс и бранителот на титулата Голден Стејт Вориорс.

Всушност Голден Стејт се веќе староседелци затоа што во финалето се петта година по ред, а во претходните четири дуели со Кливленд трипати излегуваа како победници. Оваа година „војниците“ за противник го имаат канадскиот Торонто Репторс инаку дебитант во финалето.

Торонто во регуларниот дел од сезоната имаше скор од 58 победи и 24 порази, а во плеј-офот 12 победи и шест порази. Во конференциското финале беше подобар од Милвоки Бакс со оној фантастичен пресврт. Губеа со 0:2 по првите два меча, а потоа врзаа четири победи и стигнаа до финалето.

А Голден Стејт експресно го нокаутира Портланд во четири меча, а нивниот скор во регуларниот дел од сезоната беше 57-25, а во плеј-офот 12-4.

Торонто има силни адути во ова финале, но ќе видиме како ќе се носат со поискусните играчи на Голден Стејт.

На пример Кајл Ловри, Дени Грин, Паскал Сиакам, Кави Леонард.

Ловри е плејмејкер со 13 годишно НБА искуство, а седум години е во Торонто. Долго време го пратеше глас на проблематично момче кое не внимава на физичкиот изглед, но генералниот менаџер Масаи Ујири го убеди да се промени.

Грин дојде во Репторс во пакет со Ловри, а во 2011 година играше за љубљанска Олимпија во АБА лигата.

Секако, најдобриот играч во плеј-оф мечевите беше Леонард. Тој е и најголем фактор за влез на Репторс во финалето. Во Сан Антонио не му веруваа, па тој прејде во Торонто.

Сиакам, камерунскиот крилен центар е освојувач на наградата за играч со најголем напредок оваа сезона. Интересно, требало да биде католички свештеник, но се предомислил.

Секако, во Торонто се и двајцата шпански репрезентативци: Марк Гасол, помладиот брад на Пау, како и Серж Ибака, иако е роден во Конго.

Кога сме кај финалињата не можеме да го заобиколиме Патрик Мек Ков кој во НБА е три години, а во секоја играше во финале. Првите две години беше во Вориорс со кои освои две титули, но откако не успеа да се договори со нив за продолжување на соработката отиде во Кливленд каде се задржа само две недели, па од таму дојде во Торонто со кого сега повторно ќе игра финале.

Џереми Лин е најнов член на Репторс, а беше апсолутен хит во НБА лигата во 2011 година кога како анонимец кој спиел на креветот на соиграч доби шанса да игра за Њујорк Никс и блесна. Тој е првиот Американец од кинеско потекло во лигата и единствен актувен НБА играч кој дипломирал на Харвард.

Тренер на оваа екипа е Ник Нурс кој прва година работи како главен тренер во НБА, а претходно пет години беше помошник во Репторс. Веднаш по завршувањето на колеџ почнал тренерска кариера, повеќе од 10 години работел во Велика Британија.

Што има Голден Стејт?

Секако, првата ѕвезда е Стеф Кари кој буквално ја промени НБА лигата затоа што одбраните мора да се прилагодуваат на неговите шутеви од далечина. Тој е можеби најпопуларниот кошаркар на денешницата затоа што многу деца без добри физички предиспозиции сметаат дека можат да успеат во кошарката, токму како него.

Клеј Томсон не е само врвен шутер и дефанзивец туку и еден од најсмешните ликови во НБА лигата, а прекарот China Klay го добил за време на спонзорската турнеја во Кина кога запаѓал во различни комични ситуации. Трипати во кариерата дал преку 50 поени, а го држи рекордот во НБА со 37 поени во една четвртина. Освен кошарка обожава и шах.

Кевин Дјурент е исто така познато кошаркарско име. Во 2016 година го шокираше светот со одлуката како слободен играч да потпише за Вориорс. Со оглед на комбинацијата на висина, бековска техника и убоитиот шут го сметаат за најмноќно напаѓачко оружје во светот на кошарката.

Дрејмонд Грин и ДеМаркус Кусинс се исто така се незаменлива алка во Голден Стејт. Грин е разноврсен играч исто како и во приватниот живот: галамџија, емотивен лидер, креативец, врвен борец и валкан играч. Кусинс исто така го биеше глас дека е валкан играч и галамџија, но добро се вклопи во културата на Вориорс. Тој е четирикратен Ол-Стар играч кој во Голден Стејт дојде минатото лето.

Андре Игуодала е ветеран кој со своето доаѓање ги сврте работите во Вориорс. Со неговото внесување во игра Голден Стејт ја сврте финалната серија против Кливленд во 2015 година, па беше прогласен за МВП. Тој не е стартер, но знае да помогне од клупата кога на првиот тим не му оди. Истата улога ја има и Шон Ливингстон кој е познат по експлозивноста, а по тешката повреда на коленото во 2007 многумина му предвидуваа крај, но тој се врати после година и пол и продолжи да игра кошарка.

На клупата Голден Стејт го имаат Стив Кер еден од најтрофејните луѓе во НБА лигата. Освен три титули како тренер на Вориорс, како играч на Булс, Спарс освои уште три титули.

Генерално гледано Голден Стејт има најголеми шанси да ја одбрани титулата, но не треба да го отпишеме Торонто. Можеби полетноста на Торонто и мотивот поради тоа што првпат се во финале ќе пресуди. Можеби ќе пресуди искуството и Голден Стејт ќе го сочува трофејот.  Ќе видиме како ќе се одвиваат работите.