Прилепска Победа е освојувач на Купот на Македонија во категоријата пионери, откако денеска ги совладаа врсниците на Њу Старс по изведувањето на пенали (6:5). Херој е голманот на прилепчани Столевски кој погоди од пенал, а една серија подоцна и одбрани удар од белата точка и славјето на прилепчани можеше да почне.

По првиот дел немаше голови, иако први се заканија Њу Старс преку Фета, но голманот Николоски одбрани. На другата страна закана од Тасески, меѓутоа Теулоски, голманот на Њу Старс успеа да одбрани. Чуварот на мрежата на прилепчани добро реагираше и по обидот од слободен удар на Костовски.

Во вториот дел немаше толку многу возбудувања, главно се играше на средината на теренот, а тешкото и спарно време придонесе актерите со нетрпение да го очеквуаат крајот. Тој дојде, голови немаше, и се пристапи кон изведување на пенали.

Во првите пет серии двата тима беа без грешка, по што серијата на изведување на удари од белата точка продолжи се до добивање на конечен победник. Тоа се случи во шестата серија кога Стојменов не успеа да погоди, и Победа се радува на овој пехар.

Нововлезениот голман на Победа Столевски, на крајот ќе се покаже херој откако најпрво сам реализираше пенал во петтата серија, а потоа успеа да одбрани за голема радост на прилепчани.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ПИОНЕРИ

ПОБЕДА – ЊУ СТАРС    0:0 (пен. 6:5)

Тренинг центар „Петар Милошевски“ во Скопје.

Судија:  Албрим Шаќири (Струга).

Стрелци: /

ПОБЕДА: Николоски, Симоноски, Поп Антоски, Бопков, Петрески, Јошески, Тасески, А. Јованоски, П. Јованоски, Дебрешлиоски, Јосифоски.

Уште играа: Столевски, Степаноски.

ЊУ СТАРС: Теулоски, Николовски, Димитриевски, Сали, Ѓорѓиевски, Костовски, Димитриевски, Алили, Ѓорѓијев, Фета, Стојменов.

Уште играа: Крстевски.

ПЕНАЛ СЕРИЈА:

1 – Јошески од Победа прецизен, прецизен и Димитриевски од Њу Старс

2 – Бопков од Победа погоди, истото го стори и Димитриевски од противничкиот тим

3 – За Победа стрелаше Дебрешлиоски, Костовски прецизен за Њу Старс

4 – Петрески е прецизен за Победа, исто и Фета за Њу Старс

5 – Столевски, голманот на Победа стрелаше прецизно, израмнува Ѓорѓијев

6 – Поп Антоски од Победа прецизен, Стојменов промаши