Утре во Прилеп започнува првиот меморијален ракометен турнир „Таста-Лара“ кој се одржува во чест на двете ракометни легенди, Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара, кои починаа минатата година.

На турнирот за ветерани и ветеранки кој ќе се игра на  ракометното игралиште во хотелот „Сонце ГА“ учество ќе земат 13 екипи, од кои 8 се машки и 5 женски. Организатор на овој ракометен спектал е ЗС Млади ракометни ветерани, а истиот е поддржан од Агенцијата за млади и спорт.

„Ние како здружение на млади ракометни ветерани сакавме да го пренесеме нашето знаење и познавање од овој тип на турнири кои се непознати за прилепската, па и за македонската јавност. Сето тоа го правиме  во чест на нашите спортски великани Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара. Се надеваме дека овој прв ваков меморијален турнир во иднина ќе прерасне и во традиционален“, истакна Рубин Лашкоски, организатор на турнирот.

Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара со некогашната женска екипа на Тутунски комбинат Прилеп ги забележаа најголемите успеси токму затоа во овој турнир активно се вклучуваат и ветеранките.

„Девојките од некогашниот Тутунски комбинат се носители на овој турнир бидејќи со Таста и Лара го постигнавме најголемиот успех, влез во втората ЈУ лига. На овој турнир присуствуваме со единствена цел да им оддадеме почит на нашите двајца тренери. Сите 16 кои ја освоија шампионската титула во Македонија и кои играа во некошната втора ЈУ лига ќе бидат на терен“, изјави Елизабета Филипоска, организатор на настанот.

Пред официјалниот статрт на турнирот, ќе се одржи свеченото отварање. За постетување најавени се некогашни репрезентативци. Организаторот ќе додели специјални признанија за прилепските ракометни легенди. Задолжени за химната ќе биде музичката група „Некс Тајм“.