МЗТ СКОПЈЕ – ГОСТИВАР 87:77 (21:23, 24:14, 22:20, 20:20)

Кошаркарите на МЗТ Скопје се првите патници во финалето на плеј-офот во домашното првество. Вечерва во СЦ „Јане Сандански“, избраниците на Ѓорѓи Кочов ја обезбедија и третата победа во полуфиналето на плеј-офот протрив Гостивар и успеаја да се пласираат во завршната рунда во битка за титулата.

Гостиварчани дорбо го почнаа денешниот меч во Скопје откако успеаја во првиот период да обезбедат минимална предност од 2 поени и да најават дека мечот денеска за нив е „да се биде или не“. Но, она што го покажаа како квалитет во првите 10 минути, скоро целосно го упропастија во втората четвртина кога не успеаја да го задржат домаќинот и му дозволија на МЗТ Скопје да направи разлика од 10 поени за само 10 минути и со тоа да дојде на пауза со предност од 45:37.

Во вториот дел од мечот гледавме прилично израмнета борба. Гостиварчани се обидуваа во секој сегмент да му парираат на МЗТ Скопје, но тешко доаѓаа до можност да ја намалат разликата од 8-10 поени во полза на домашните. Во финалната четвртина на момент со неколку тројки Гостивар дојде до шанса да се врати во средбата, но домашните возвратија со исто оружје, па тројките на Симоновски беа пресудни да се скрши желбата на Гостивар за подвиг.

Иванов со 21 поен заврши како најефикасен кај МЗТ Скопје, додека кај гостите Костоски постигна 17 поени, додека Димитриески и Фусгингер имаа по 16. За одбележување е одличниот настап на Самарџиски кој запиша „трипл-дабл“ ефект со 18 поени, 13 скока и 10 асистенции.