Шпанските врски на четворицата стратези кои се дел од Ф4 во Келн во Лигата на шампионите добиваат уште една димензија со оглед на тоа дека двајца од „учениците“ Роберто Гарсија Парондо и Давид Дејвис Камара одново одат по стапките на учителот Талант Душебаев.

Парондо и Дејвис, може да влезат во историјата како втори ракометни работници на кои им успеало да ја освојат Лигата на шампионите и како играчи и како тренери (секако доколку Вардар или Веспрем го кренат трофејот во Келн).

Парондо има две титули во ЛШ со Реал Суидад (2008 и 2009), додека Давид Дејвис со истиот тим освоил неколку сезони претходно (2006 година). Единствениот кој досега успеал да ја освои Лигата на шампионите и како тренер и како играч е Талант Душебаев.

 „Талант мора да биде многу задоволен поради тоа што Роберто и јас сме тука и што направивме ваков успех со нашите клубови. Навистина е убаво, четворица шпански тренери да бидат во главна улога на еден ваков важен турнир. Парондо ми беше соиграч и соработник, Талант ментор и тренер, Паски, исто така тренер во млади години, а сите сме на врвот во нашиот спорт. Кога започнуваш со тренерската кариера секој од нас има своја цел и секако Талант е првиот како играч, но и како тренер што освоил Лигата на шампионите, како тренер дури четири пати. Ние треба да се обидеме да го поминеме, да бидеме подобри од него. Можеби од овој викенд Роберто или јас ќе бидеме тие кои ќе го повторат успехот на Талант“ – изјави за СПОРТМЕДИА, тренерот на Веспрем, Давид Дејвис.