РАБОТНИЧКИ – БЛОКОТЕХНА 91:73 (28:23, 23:18, 17:19, 23:13)

Со доминантна игра од првиот до последниот период, Работнички дојде на победа до големото финале во домашниот плеј-оф. Пред своите навивачи во СЦ „Борис Трајковски“, кошаркарите на Марин Докузовски дојдоа до прилично убедлива победа над Блокотехна и со тоа успеаја да поведат во полуфиналната серија со 2:1.

Работнички почна одлично во првиот период и успеа да замине на прва пауза со предност од 5 поени. Слична игра имаше и во вториот период, кога Блокотехна успеваше да одржува некаква неизвесност, но во завршницата со по една тројка на Стајиќ, Костов и Мираковски, Работнички успеа да ја зголеми предноста на +12 поени.

Блокотехна беше единствено подобра во третиот период кој го доби со два разлика, но затоа одигра катастрофално лошо во последниот период. Гевгеличани беа тотално разбиени уште во првата минута од последниот период кога домашните направија серија од 11:0. Тоа се чини ги уништи сите надежи на четата на Марјан Илиевски за успех во Скопје, па сега својата шанса за „мајсторка“ ќе ја бараат со победа в недела на домашен терен.

Костов со 19 и Чековски и Стајиќ со по 18 поени беа одлични кај момците од „Градски Парк“, додека кај Блокотехна како најдобар реализатор заврши Пен со 23 поени.